Есенција на живеењето

СЕЛА

Села

Гевгелиските села се навистина посебна приказна и богатство на овој крај. Посети ги и откриј ги приказните на овие питоми населби во кои се одгледуваат најубавите земјоделски производи, а природата е буквално на секој чекор. Во некои од нив ќе најдеш прекрасни викендици и обновени стари куќи и ќе се увериш дека полека стануваат вистинска атракција за туристите кои го сакаат чистиот планински воздух.

Село „Конско“

Во историската област Влахомеглен, во североисточните падини на планината Кожуф е сместено селото Конско. Ако ја погледнете историјата, ова село играло значајна улога во ослободувањето на Македонија од отоманската власт и дало многу револуционери и борци за слобода. Ако појдете во Конско, задолжително посетете ја впечатливата православна црква „Свети Димитриј“, изградена во далечната 1858 од страна на прочуениот дебарски мајстор Андон Китанов. Во непосредна близина на Конско ќе забележите дека тече живописната Конска река, која извира од планината Кожуф на надморска височина од 1520 и се влева во Вардар.

Село „Серменин“

На своевидна рамнина над која се надвиснуваат висорамнини на планинските масиви на Кожуф Планина ќе го откриете селото Серменин, кое е познато како воздушна бања со совршена клима. Селото порано било многубројно и имало три училишта, но потоа било речиси иселено. Некаде при самиот крај на минатиот век, почнува да се враќа животот во Серменин, со изградбата на нови викендици и реконструирање на пропаднати објекти, претежно од потомци на серменинчани. Серменин ќе ве воодушеви со околу стотината викендици, а доколку одите во периодот на летото ќе забележите дека е прилично посетено место од вљубениците во природата и чистиот воздух.

Село „Миравци“

Миравци е модерна населба сместена во областа Бојмија, на десната страна на реката Вардар, распослана во гевгелиско-валандовската котлина. Миравци е надалеку прочуено како селото на „Белиот Рај“. Имено на ридовите околу Миравци, кои се дел од источното подножје на планинскиот масив на Кожуф, се наоѓа излетничкото место „Бел Рај“, кој е привлечна туристичка дестинација за многумина туристи од државата и место на кое се случуваат фестивали и модерни музички настани.

Село „Петрово“

Ова село вгнездено во планината Кожуф, заедно со соседно Миравци го дели препознатливиот „Бел Рај“, којшто го добил името по Белиот мост. За мостот се смета дека е изграден во доцноримскиот период или во Византија. Доколку го посетите налето, ќе можете да уживате во Белиот рај како природен базен за капење и да уживате во истоимениот туристички локалитет кој нуди храна, пијалоци и забава. Североисточно од Петрово не пропуштајте да ја посетите средновековната тврдина Градиште, а и знаменитоста на селото - црквата „Воскресение Христово“ која датира од 1860.

Село „Габрово“

Ова ридско село е сместено во областа Бојмија на источните падини на планината Кожуф, од десната страна на железничката линија Скопје - Гевгелија. Од градот Гевгелија е оддалечено 31 километар. Посетете го и уживајте во чистиот воздух, недопрената природа и остатоците од минатото што ги крие целата оваа област.

Село „Ума“

Ума е прекрасно планинско село во областа Влахомеглен, сместено во северното подножје на малата планина Сува Рупа, вгнездено меѓу планините Пајак и Кожуф, на самата граница со Грција. Името го добило по сивкастата земја „ума“ која се користела за лекување рани. Доколку го посетите селото Ума ќе забележите траги од бурното минато и крстосувањето на различни војски во овој регион. Во последно време, селото доживува трансформација во модерна туристичка населба. Своевидна атракција во Ума е огромната карпа со отвор која се наоѓа на 3 км од селото. Ова место мештаните го нарекуваат Дупен Камен или на влашки Rapa Pruvalit. Легендате вели дека каменот лечи од повеќе болести, па така оние кои имале некоја болест оделе на каменот рано наутро пред да изгрее сонцето и поминувале трипати низ отворот. До Дупен камен можете да стигнете по маркирана живописна планинарска патека.

All rights reserved by Municipality of Gevgelija